October 2, 2026

Втор енергетски самит на Македонија, Србија, Грција и Бугарија – во фокус регионалната поврзаност

Министрите за енергетика на Македонија, Србија, Грција и Бугарија идната недела во Србија ќе го одржат вториот министерски самит, посветен на продлабочување на регионалната енергетска соработка, забрзување на инфраструктурните проекти и зајакнување на сигурноста на енергетските системи.

Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини велат дека состанокот е продолжение на првиот самит, одржан во Атина на 15 мај. Тогаш четирите земји се согласија дека енергетската сигурност и стабилност треба да се третираат како заеднички регионален приоритет.

Меѓу главните теми ќе бидат координацијата на преносните системи, олеснувањето на прекуграничниот транспорт на енергија и забрзувањето на регионалните инфраструктурни проекти.

За Македонија, меѓу најзначајните проекти се гасните интерконектори со Грција и Србија.

Интерконекторот Македонија–Грција треба да обезбеди диверзификација на снабдувањето со природен гас и пристап до повеќе извори и правци преку грчкиот систем, вклучително и LNG инфраструктурата. Почетниот капацитет е планиран на 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за зголемување во зависност од потребите на пазарот. Изградбата е во тек, а завршувањето е планирано за 2027 година.

Паралелно, Македонија го реализира и проектот за гасно поврзување со Србија. Во септември беше потпишан договорот за проектирање и изградба на македонскиот дел од интерконекторот, вреден 29,4 милиони евра.

Делницата на македонска територија ќе биде долга 22,4 километри, со двонасочен проток и капацитет од 1,4 милијарди кубни метри годишно.

Од Министерството очекуваат со реализацијата на овој проект Македонија и Србија да добијат поголема улога во регионалниот транзит на природен гас, со можност за поврзување на јужните извори на снабдување со пазарите во Централна Европа.

Македонија и Србија се приклучуваат кон Вертикалниот гасен коридор

Дополнително, Македонија и Србија се приклучија кон иницијативата за проширување на Вертикалниот гасен коридор.

Во септември НОМАГАС и „Transportgas Srbija“ потпишаа меморандум со кој двете земји се вклучуваат во регионалната мрежа што ги поврзува Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Украина и Молдавија.

Целта е да се овозможат поголеми и пофлексибилни прекугранични текови на природен гас, подобро искористување на постојната инфраструктура и дополнителни можности за снабдување од југ кон север.

Во фокус и електроенергетските мрежи

Регионалната соработка нема да се однесува само на природниот гас. На самитот ќе се разговара и за сигурноста на снабдувањето со електрична енергија, состојбата на преносните системи, размената на електрична енергија, развојот на обновливите извори и складирањето енергија.

Особено внимание се очекува да биде посветено на батериските системи и пумпно-акумулационите хидроелектрани, имајќи го предвид зголемувањето на соларните и ветерните капацитети во регионот.

Четирите земји ќе разговараат и за понатамошна интеграција на регионалните пазари на електрична енергија и за заеднички пристап кон ризиците поврзани со снабдувањето.

Од Министерството оценуваат дека вториот министерски самит во Србија треба да овозможи приоритетите договорени во Атина да добијат поконкретни чекори, рокови и координација за нивна реализација.

Read Previous

Обвинителството ги заврши доказите за Кочани, на ред е одбраната – предложени 244 сведоци

Read Next

НБРМ со нови правила за банките за кредитите за граѓаните – станбените кредити ќе мора да се отплатат до 25 години