September 28, 2026

Владата ја продолжува мерката за намалено ДДВ за дизелот до 12 октомври

Владата ја продолжува мерката со која ДДВ-то за дизелот се намалува од 18 на 10 отсто до 12 октомври, соопшти министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Според Димитриеска-Кочоска, со овие мерки Владата продолжува да го штити животниот стандард на граѓаните и стабилноста на домашната економија.

„Со продолжувањето на оваа мерка директно влијаеме врз малопродажните цени на горивата и го ограничуваме пренесувањето на надворешните ценовни притисоци врз цените на останатите производи и услуги. Реагираме навремено и одговорно, следејќи ги движењата на меѓународните пазари и преземајќи мерки кога тоа е потребно за да го заштитиме стандардот на граѓаните.“, напиша Димитриеска-Кочоска на својот профил на Фејсбук.

Мерката со која ДДВ-то за дизелот беше намалено од 18 на 10 отсто почна да се применува на 15 септември, со цел да се ублажи ценовниот притисок врз граѓаните.

Регулаторната комисија за енергетика денеска се очекува да ги утврди максималните цени на горивата што ќе важат во следните седум дена.

Read Previous

„Прва помош во урбана средина“ – почна 32. Државен натпревар во Скопје

Read Next

Полициска и разузнавачка акција во Скопје, уапсени неколку лица осомничени за тероризам