September 24, 2026

За осум месеци, 34 жртви помалку и 863 помалку повредени во сообраќајни несреќи

Во периодот јануари–август годинава, во сообраќајни несреќи загинале 62 лица, додека во истиот период минатата година животот го загубиле 96 лица. Тоа се 34 жртви помалку, односно намалување од 35,42 отсто, покажуваат податоците од евиденцијата на Министерството за внатрешни работи за првите осум месеци од 2026 година.

Во меѓувреме, вкупниот број лица погодени во сообраќајни несреќи е намален од 4.731 на 3.868. Станува збор за 863 лица помалку, односно намалување од 18,24 отсто.

„Овие бројки се јасна потврда дека системскиот пристап во унапредувањето на безбедноста во сообраќајот дава конкретни резултати“, нагласуваат од МВР.

Вкупниот број сообраќајни несреќи е намален од 5.485 на 4.840, односно за 11,76 отсто. Бројот на несреќи со смртни последици е намален од 82 на 54, или за 34,15 отсто, додека бројот на несреќи со тешки телесни повреди е намален од 594 на 528, односно за 11,11 отсто.

Бројот на сообраќајни несреќи со телесни повреди е намален од 2.291 на 1.896, или за 17,24 отсто, додека бројот на несреќи со материјална штета е намален од 2.518 на 2.362, односно за 6,20 отсто.

Бројот на лица со телесни повреди е намален од 3.949 на 3.116, или за 21,09 отсто, што претставува 833 лица помалку. Бројот на лица со тешки телесни повреди е речиси на исто ниво – 686 во 2025 година и 690 во 2026 година.

Значењето на овие резултати, како што нагласуваат од МВР, е уште поголемо ако се има предвид дека со години бројот на жртви во сообраќајот остануваше на високо ниво.

Во периодот од 2010 до 2025 година, во сообраќајни несреќи годишно загинувале од 116 до 198 лица, додека во 2019 и 2025 година биле регистрирани по 132 жртви.

„Тоа покажува дека подолг период не било постигнато суштинско и одржливо намалување на бројот на жртвите. Позитивната промена во 2026 година е резултат на интегриран пристап кој ги опфаќа системот „Безбеден град“, законските измени, засилените полициски контроли и континуираните превентивни активности.“, велат од МВР.

Со почетокот на санкционирањето преку системот „Безбеден град“ на 1 февруари 2026 година, беше воведен нов модел на постапување. Прекршоците се детектираат автоматски, случаите се обработуваат електронски, а известувањата се испраќаат преку СМС-пораки и електронска пошта.

Не станува збор само за воведување нова технологија, туку за промена на начинот на спроведување на сообраќајните правила, односно од повремени контроли кон континуирано, предвидливо и неселективно постапување.

На овој начин се зголемува сигурноста дека детектираниот прекршок ќе биде процесуиран, се намалува просторот за субјективно постапување и превентивно се влијае врз однесувањето на учесниците во сообраќајот.

„Резултатите во првите осум месеци покажуваат дека овој пристап создава реална промена на патиштата. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со унапредување и проширување на системот „Безбеден град“, со засилени контроли и со мерки насочени кон намалување на сообраќајните незгоди односно помалку повредени и помалку загубени човечки животи“, се наведува во соопштението на МВР.

Read Previous

Делегацијата предводена од премиерот Мицкоски ќе учествува на средбата на лидерите на ЕУ со земјите од Западен Балкан во Њујорк

Read Next

Пензиите во Македонија ќе се зголемат за 3 отсто