Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека локацијата е избрана поради близината до Скопје, автопатот и оптичката инфраструктура. Станува збор за парцела на која нема плодно земјиште, а има и доволно простор за евентуална изградба на фотонапонска централа, преку која во иднина би можел да се обезбедува дел од електричната енергија за центарот.
„Најверојатно центарот за податоци ќе биде сместен таму“, изјави Андоновски.
Проектот е проценет на 20 милиони евра, од кои 70 отсто се предвидени за изградба на објектот, а 30 отсто за опремата. Дел од финансирањето треба да биде обезбедено како грант, додека Владата во моментов бара меѓународна финансиска институција за преостанатиот дел.
Претходно биле водени разговори со Светската банка, но според Андоновски, таа нема да може да го финансира проектот поради неусогласеност со барањата на Европската Унија. Владата сега разговара со повеќе потенцијални финансиери, меѓу кои и Банката за развој на Советот на Европа. Изградбата, од почетокот на работите до пуштањето во употреба, би траела околу две до две и пол години.
Центарот ќе биде изграден како модуларна инфраструктура, што ќе овозможи негово постепено проширување. Тоа треба да остави простор за дополнителна опрема, колокација на системите на државните институции и идни потреби поврзани со вештачката интелигенција.
Посебен предизвик претставува цената на хардверот. Поради огромните глобални инвестиции во вештачка интелигенција и дата-центри, цените на дел од опремата значително пораснаа. Владата планира набавката на опремата да се реализира во периодот 2027–2028 година, со очекување дека тогаш цените ќе се стабилизираат.
По изградбата на Националниот дата-центар ќе следи постепена миграција на податоците и информациските системи на државните институции. Целта е да се намали зависноста од големиот број одделни серверски локации, да се зголеми сигурноста на државната инфраструктура и да се подобри заштитата од сајбер-напади.
Во моментов државата има резервен дата-центар во Прилеп, кој е под надлежност на Министерството за внатрешни работи.


