October 30, 2026

Трагедија во БиХ: Се урна воен хеликоптер, четворица загинати и 11 повредени

Четири лица загинаа, а 11 се повредени во пад на воен хеликоптер на мисијата ЕУФОР во близина на Брчко, Босна и Херцеговина. Сите загинати се италијански државјани, а несреќата се случила за време на рутинска воена операција.

Хеликоптерот од типот CH-47 „Чинук“ се урнал во местото Горице, во близина на населени куќи. Според очевидци, леталото пред падот летало ниско и почнало да се врти околу сопствената оска, по што се урнало на ненаселена површина.

Од ЕУФОР потврдија дека меѓу загинатите се двајца припадници на италијанските вооружени сили и двајца припадници на италијанскиот воен Црвен крст.

Повредените биле згрижени во здравствени установи во Брчко и Тузла. Според последните информации од италијанското Министерство за одбрана, сите 11 повредени се во стабилна состојба и не се животно загрозени.

Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, изјави дека постојат индиции за можен технички проблем при полетувањето, но нагласи дека точната причина за несреќата сè уште не е утврдена.

По трагедијата се огласи и италијанската премиерка Џорџа Мелони, која изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите.

„Веста за трагичната несреќа на италијанскиот хеликоптер на ЕУФОР во Босна и Херцеговина длабоко ме растажи“, порача Мелони.

Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето најави измени во програмата за одбележување на Денот на вооружените сили, при што дел од планираните свечености ќе бидат заменети со активности за оддавање почит на загинатите.

Од ЕУФОР соопштија дека е започната детална истрага за причините за падот. Во несреќата нема повредени цивили, ниту оштетувања на цивилни објекти.

Read Previous

Од 1 мај директна авионска линија меѓу Скопје и Тиват

Read Next

Над 428 илјади вработени во Македонија, речиси половина работат во трговијата и индустријата