Северна Македонија, една од земјите на Балканот, денес одбележува 35 години независност.
Претходно позната под името Македонија, земјата прогласи независност по политичките превирања и конфликтите што се случија во поранешна Југославија во почетокот на 1990-тите години.
Во Северна Македонија, на 8 септември 1991 година, беше одржан референдум за независност, на кој 95,3 отсто од учесниците гласаа за независност на земјата. Потоа, многу земји, меѓу кои и Турција, ја признаа независноста на земјата, која во тоа време се нарекуваше Македонија.
Киро Глигоров стана првиот претседател на земјата, а на 26 април 1992 година беше пуштена во оптек националната валута. Во август истата година беше формирана и Армијата.
На гласањето одржано на 8 април 1993 година во Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), Македонија едногласно беше примена за членка на ОН. Сепак, поради противењето на нејзиниот јужен сосед Грција, земјата беше примена под привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија“.
Веднаш по стекнувањето на независноста, Северна Македонија постави неколку стратегиски цели, меѓу кои членството во Европската Унија (ЕУ) и НАТО.
– По промената на името, земјата стана членка на НАТО –
По долгогодишните преговори, земјата стана членка на НАТО во 2020 година, и покрај бројните пречки со кои повремено се соочуваше, со цел во иднина да стане полноправна членка на ЕУ.
Иако преговорите за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беа прекинувани неколкупати во текот на годините, тие продолжуваа во различни периоди.
По преговорите што се водеа со посредство на ОН, во јуни 2018 година меѓу двете земји беше потпишан Преспанскиот договор.
Според договорот, кој опфаќаше решавање на прашањето за името и стратегиското партнерство, беше предвидено името на земјата да се промени во „Северна Македонија“. Во тие рамки, во септември 2018 година беше одржан референдум.
На референдумот на граѓаните им беше поставено прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција?“. Од учесниците на референдумот, 91,46 отсто гласаа „за“.
Гласањето беше бојкотирано од тогашната опозиција, а излезноста на референдумот изнесуваше 36,91 отсто.
– Преговорите за членство во ЕУ започнаа во 2022 година –
Северна Македонија, која го доби статусот на земја кандидат во 2005 година, ги започна преговорите за членство во ЕУ со одржувањето на првата меѓувладина конференција на 19 јули 2022 година.
Откако Северна Македонија ќе ги усвои потребните уставни измени што произлегуваат од билатералниот протокол потпишан со Бугарија, предвидено е да започне со отворање на поглавјата од преговорите за членство во ЕУ. Тоа, меѓу другото, го вклучува и внесувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија.
Северна Македонија не може да ги отвори поглавјата од преговорите со ЕУ без внесување на Бугарите во Уставот. За усвојување на оваа измена е потребно двотретинско мнозинство во 120-членото Собрание, односно гласовите на 80 пратеници.
Според овие измени, во формулацијата во Уставот во која се наведуваат „граѓаните на Северна Македонија; Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите и Бошњаците“, треба да бидат додадени и „Бугарите, Хрватите, Црногорците, Словенците, Евреите и Египќаните“.

