September 8, 2026

Со инвестиција од 2,7 милиони евра модернизиран охридскиот аеродром

Со инвестиција од 2,7 милиони евра, целосно е модернизиран дел од аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Реконструиран е патничкиот терминал, зголемен е бројот на шалтери, проширени се просторот за чекирање и зоните за безбедносна контрола и рачен багаж, а реорганизиран е и паркингот. Воведени се и современа опрема и технологии со цел побезбедно и поефикасно опслужување на патниците.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска присуствуваше на пуштањето во употреба на модернизираниот дел, оцени дека со инвестицијата значително е подобрен квалитетот на услугите на охридскиот аеродром.

„Со ова охридскиот аеродром добива поинаква динамика, поинакво светло и поинаков квалитет. Убеден сум дека во периодот што следи ќе се зголемува и бројот на патници и бројот на авиокомпании што ги користат услугите на аеродромот“, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека годинава се бележат рекордни резултати. Најфреквентниот ден досега во историјата на аеродромот бил со повеќе од 3.000 патници, а во одредени денови се реализирани и над 20 полетувања.

Мицкоски очекува со понатамошните градежни активности и владината поддршка бројките дополнително да растат, односно да се удвојат или утројат.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оцени дека по завршените работи охридскиот аеродром практично добива нова терминална зграда и помошни простории, што, според него, ќе овозможат значително подобро искуство за патниците.

Николоски потсети дека последните поголеми интервенции на аеродромот биле направени во 1970 година. Тој посочи дека развојот на македонските аеродроми ги надминува очекувањата и поставува нови рекорди.

„Охридскиот аеродром само од јануари до јуни оваа година има над 240.000 патници, а двата аеродроми годинава заедно ќе се приближат до бројката од четири милиони патници“, рече Николоски.

Тој додаде дека интензивно се работи и на автопатот Охрид–Кичево, при што делницата до аеродромот веќе е завршена. Според најавите, најтешката делница треба да биде пуштена во употреба во наредните месеци, а целиот автопат се очекува да биде завршен во првата половина од следната година.

Извршниот директор на ТАВ Македонија, Серкан Каптан, информираше дека компанијата инвестирала 2,7 милиони евра во унапредување на инфраструктурата и подобрување на условите за патниците, партнерите и вработените. Проектот е реализиран без прекин на редовното функционирање на аеродромот.

Каптан посочи дека ТАВ досега инвестирала речиси 300 милиони евра во македонските аеродроми.

„Во овој период ја зголемивме поврзаноста и годишниот сообраќај за повеќе од четири пати. Во 2026 година македонските аеродроми се меѓу најбрзорастечките во Европа, со раст од речиси 30 проценти во однос на претходната година“, рече Каптан.

Тој додаде дека охридскиот аеродром го забележал најуспешниот јули во својата историја, со нови рекорди и во бројот на патници и во бројот на реализирани летови.

Read Previous

Две експлозии рано утринава во Атина: Фрлени бомби врз два објекти