August 7, 2026

ССНМ: Новинарите мора да имаат пристап до информации

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија со загриженост констатира дека „се појавува пракса во која Владата систематски одбива да одговара на новинарски прашања и го ограничува пристапот до информации од јавен интерес. Истата се повтори и на вчерашниот настан на кој владиниот Пи-ар одговараше селективно на новинарски прашања“.

„Обврска на Владата е да комуницира транспарентно со јавноста. Молкот не смее да биде политика, а новинарските прашања не смеат да останат без одговор. На овој начин новинарите не можат да добијат верификација на информациите кои ги бараат, а прес-конференциите не смеат да се претворат во монолози без простор за прашања.

ССНМ потсетува дека ПР службата на Владата има јасна обврска да одговори на секое новинарско прашање — без право да толкува дали прашањето „заслужува“ одговор или не. Одлуката за тоа кои прашања се релевантни не се во надлежност на владините комуникациски служби — тоа е во надлежност на новинарите, медиумите и јавноста. Ваквата пракса не смее да продолжи.

Исто така, ССНМ бара од владините претставници задолжени за комуникација со медиумите да комуницираат со новинарите со почит и професионализам.

ССНМ бара Владата итно да воспостави редовна и отворена комуникација со медиумите, да овозможи пристап до информации од јавен интерес и да ги почитува стандардите на медиумската слобода загарантирани со Устав“, се наведува во соопштението на ССНМ.

Read Previous

222 сообраќајни прекршоци од возачи на мотоцикли

Read Next

Авион не успеа да полета од Солун поради птица во моторот