August 6, 2026

Муцунски: Заслужуваме праведен, предвидлив и кредибилен пат кон членство во ЕУ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, порача дека државата заслужува праведен, предвидлив и кредибилен пат кон полноправно членство во Европската Унија (ЕУ).

Во интервју за „Брисел Плејбук“ на „Политико“, Муцунски се осврна на процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ.

„Да, понекогаш сме многу фрустрирани поради недостигот од политички резултати“, истакна Муцунски, додавајќи дека земјата станала „студија на случај“ за тоа како билатералните спорови може да го попречат процесот на проширување на ЕУ.

„Да се каже дека кон нас се постапувало неправедно е преблага формулација“, нагласи Муцунски.

Во текстот се потсетува дека земјата го смени знамето во 1995 година, а името во 2019 година, по што нејзиниот европски пат беше блокиран поради барањето на Бугарија за внесување на Бугарите во Уставот.

Идејата за измена на Уставот стана политички токсична по „премногу“ направени отстапки, рече Муцунски, додавајќи дека Македонците се уморни од постојаното „поместување на целта“ и не веруваат дека Бугарија едноставно нема да побара нешто ново.

„Ова е апсолутна злоупотреба на позицијата на една земја членка на Европската Унија“, порача Муцунски.

Тој ја спореди ситуацијата со односите меѓу Ирска и Обединетото Кралство, оценувајќи дека нивните сложени разлики веројатно не би можеле да бидат надминати без заедничкото членство во ЕУ.

„Бугарија, веднаш по нас, има најмногу да добие од напредувањето на нашата земја кон полноправно членство“, истакна Муцунски.

Министерот нагласи дека не смета оти би направил нешто корисно за државата доколку го критикува начинот на одлучување во Европската Унија. Истовремено порача дека земјата го заслужила своето место во Унијата и дека очекува праведен, предвидлив и кредибилен пат напред.

„Нашата земја го нема луксузот да има алтернатива Б или алтернатива В“, заклучи Муцунски.

Read Previous

Загрижувачкo намалување на бројот на ученици: Околу 3.000 првачиња помалку ќе тргнат на училиште во септември

Read Next

Двата македонски аеродроми се најбрзорастечки во регионот по бројот на патници