August 6, 2026

Започнува третата фаза од железничката делница од Коридорот 8, обезбедени се 149 милиони евра грант

Со потпишувањето на договорите за грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) на Европската Унија, како и договорите за финансирање со Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), започнува третата фаза од финансирањето за изградба на железничката делница Крива Паланка – Деве Баир, дел од Коридорот 8.

За проектот се обезбедени 149 милиони евра грант средства од ЕУ, а почетокот на градежните работи се очекува уште оваа година. Изборот на изведувач треба да се реализира на есен, по што ќе започне изградбата.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оцени дека ова е важен чекор кон реализација на еден од стратешките инфраструктурни проекти на државата.

„По речиси две години работа постигнавме реален и изводлив проект. Постигнавме договор со Бугарија за изградба на прекуграничниот железнички тунел кој ќе ги поврзе двете земји“, изјави Николоски.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска нагласи дека со новите договори е обезбедена стабилна финансиска конструкција за продолжување на проектот, кој треба да овозможи подобра поврзаност меѓу Јадранското и Црното Море, економски развој и полесен транспорт на луѓе и стоки.

Проектот е дел од стратешкиот Коридор 8, кој треба да ја поврзе Северна Македонија со Бугарија и Албанија преку модерна железничка инфраструктура.

Read Previous

Просечната оценка од полагањето на сите три типа матура е 3,66

Read Next

Во Грција по море пристигнале 34 отсто помалку мигранти, Владата тврди дека стратегијата дава резултати