Царинската управа во јули годинава оствари историски највисока месечна наплата на приходи, со вкупно собрани 14,14 милијарди денари. Остварениот резултат е за 1,5 милијарди денари, односно 11,8 проценти повеќе во споредба со истиот месец минатата година.
Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, истакна дека рекордната наплата е потврда дека реформите и системот што се гради во изминатиот период даваат конкретни резултати.
„Најважно не е само достигнатата бројка, туку трендот кој покажува дека успехот не е случаен. По четврти пат во последните две години ги надминуваме историските рекорди во наплатата на приходи. Тоа е доказ за ефикасноста на системот што го градевме и за зголемената способност на државата да обезбеди повисоки приходи“, изјави Николовски.
Според анализите на Царинската управа, растот на приходите во јули најмногу се должи на зголемените набавки на опрема од страна на Министерството за одбрана, поголемиот увоз на нафта и нафтени деривати, како и зголемениот увоз на тутун и тутунски производи.
Од почетокот на годината до крајот на јули, Царинската управа има остварено вкупни приходи од 80,5 милијарди денари, односно околу 1,3 милијарди евра. Тоа е зголемување од 87,6 милиони евра во однос на истиот период минатата година.
Николовски порача дека приоритет останува изградбата на модерна и ефикасна Царинска управа која ќе обезбеди подобри услови за бизнисите и ќе придонесе за поголема конкурентност на македонската економија.
„Нашата цел е безбедноста и полнењето на државниот буџет да не бидат пречка за економскиот развој, туку да одат паралелно преку модернизација, дигитализација и подобро управување со ризиците“, додаде директорот на Царинската управа.

