Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски денеска сподели дека Европската Унија обезбедила донација на специјално опремени возила за потребите на Државниот инспекторат за транспорт.
„Со оваа голема донација која Европската Унија ја прави за нас, Државниот инспекторат за транспорт добива комплетно нова димензија со специјално опремени возила кои ќе придонесат за поефикасен инспекциски надзор, поголема безбедност во сообраќајот и подобра заштита на патната инфраструктура“, истакна Николоски.
Тој упати благодарност до амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, за како што вели, неговата лична посветеност во реализацијата на проектот.
„Оваа донација не се само возила, туку и современ софтвер за следење на возилата, како и знаење и обука за инспекторите во Државниот инспекторат за транспорт. Оваа донација значи иднина“, оцени вицепремиерот.
Николоски воедно објасни дека иако градат експресни патишта и автопати, истовремено мора многу да внимаваат на безбедноста и на заштитата на патиштата.
„Еден од главните фактори за нивно уништување е непочитувањето на правилата. На овој начин инвестициите што ги правиме ќе добијат долгорочна вредност“, додаде министерот.

