July 14, 2026

Нови правила за електричните тротинети: Возачи мора да имаат 18 години, задолжителен шлем

Корисниците на електрични тротинети од денес ќе мора да ги почитуваат новите правила за движење и безбедност во сообраќајот, со кои се воведуваат построги услови за управување со овие превозни средства.

Со измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, минималната возраст за управување со електричен тротинет се зголемува од 14 на 18 години. Тоа значи дека само полнолетни лица ќе имаат право самостојно да управуваат со електричен тротинет.

Промени има и кај дозволената брзина. На велосипедски патеки и велосипедски ленти, тротинетите ќе смеат да се движат со најмногу 20 километри на час, додека на тротоари, пешачки и мешани патеки максималната брзина останува ограничена на 6 километри на час.

Новите правила предвидуваат и посебна обврска при преминување на коловоз или пешачки премин. Доколку нема велосипедска патека или лента, возачите ќе мора да слезат од тротинетот и да го поминат местото туркајќи го возилото.

Со измените се воведува и забрана за превезување друго лице на електричен тротинет. За прекршување на ова правило ќе одговараат и возачот и лицето кое се превезува.

Дополнително, заштитниот шлем станува задолжителна опрема за сите возачи на електрични тротинети, додека останува и обврската за носење рефлектирачки елек во услови на намалена видливост и во текот на ноќните часови.

Надлежните институции очекуваат со новите мерки да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот и да се намали бројот на ризични ситуации предизвикани од неправилно користење на електричните тротинети.

Read Previous

Реконструкцијата е изгласана: Ова се новите министри во Владата

Read Next

ЕУ донираше специјално опремени возила за потребите на Инспекторатот за транспорт