Авионски патници утрово доживеале вистинска драма на летот организиран од компанијата „РајанЕр“ од солунскиот аеродром „Македонија“ кон Минхен, при инцидент кој се случил веднаш по полетувањето.
Имено, за време на летот се слушнал силен тресок, по што пукнал еден од прозорците, изјавил еден од патниците за порталот rthess.gr.
Притисокот во кабината паднал и се активирале маските за кислород, а според очевидци, најкритичниот момент бил кога патникот кој седел до скршениот прозорец бил повлечен.
„Тој со рамењата веќе бил надвор од авионот, кога патниците што седеле до него почнале да го влечат назад, меѓу кои била и неговата сопруга која го држела за нозете“, изјавиле очевидци за Радио Солун.
Пилотот веднаш го сменил курсот и побарал итно слетување, по што безбедно слетале.
Според последните информации, повредениот Србин бил пренесен во болница со амбулантно возило поради повреда на вратот. Лекарска помош била укажана и на бремена жена.


