Градот Охрид, еден од најважните туристички центри во Северна Македонија, нарекуван „бисерот на земјата“ и впишан на листата на светско наследство на УНЕСКО, ги привлекува посетителите во летната сезона, јавува Анадолу.
Охрид, една од омилените туристички дестинации на Балканот, кој го има едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, како и во претходните години, и оваа година се издвојува како едно од најпосетуваните места од туристите во регионот.
Со сончевите зраци што создаваат блесоци на површината на езерото, галебите, тесните калдрмисани улички, историските куќи и верските објекти на различни религии, Охрид им нуди различни можности на туристите од сите возрасти и од различни земји.
Во Охрид можат да се практикуваат активности како параглајдерство, прошетки со брод и посети на историски локалитети. Покрај различните видови балканска кујна, тука се нуди и охридската пастрмка, која е меѓу најбараните специјалитети.
Со својата архитектура, која носи и траги од османлискиот период, Охрид е на врвот на листата на најпосетувани места од турските туристи во земјата.
– Историските градби ги носат посетителите на патување низ времето –
Охрид, со своите историски куќи и верски објекти што опстојуваат со векови, ги носи посетителите на патување низ времето.
Еден од најиконичните историски објекти во земјата и градот, црквата „Свети Јован Канео“, за која се смета дека е изградена во 13 век и носи карактеристики од ранохристијанскиот период, со Охридското Езеро во заднина нуди достојна глетка за разгледница.
Меѓу џамиите од османлискиот период во старата чаршија на градот се наоѓа и охридската Али-пашина џамија. Џамијата, изградена во 1573 година од Сулејман-паша, беше реставрирана од Генералната дирекција за вакафи и повторно отворена за молитва во 2019 година.
– „Туркиш ерлајнс“ лета четири пати неделно до Охрид –
„Туркиш ерлајнс“, до 4 октомври оваа година, четири пати неделно организира летови на релација Истанбул – Охрид – Истанбул.
Единствениот аеродром во градот, Аеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид, се наоѓа на околу 10 километри од центарот на Охрид.
Цената за такси-превоз меѓу аеродромот и центарот на градот изнесува 12 евра.
Покрај прошетките со брод по Охридското Езеро, постои и можност за изнајмување велосипеди, со дневни цени што се движат од 10 до 60 евра.

