Во двата уписни рока за во средно училиште во јуни се запишале вкупно 15.705 ученици.
Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека за настава на македонски јазик се запишани 11.171 ученик, а 4.241 ученик ќе следат настава на албански јазик. Настава на турски јазик ќе следат 279 ученици и 14 идни средношколци ќе учат на српски јазик.
Најголем дел од запишаните ученици се во стручните училишта, и тоа 10.823, додека 4.653 ученици се во гимназиско образование.
На Спортската академија се запишани 229 ученици, а во уметничкото образование од МОН посочија дека сè уште не е завршен процесот на селекција.
На првото пријавување за запишување во средно образование, спроведено со електронско аплицирање од 12 до 15 јуни, биле пријавени 15 075, а се запишаа 13.423 ученици. На второто пријавување кое беше спроведено на 23 јуни се пријавиле 2.927 ученици.

