Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, и министерот за надворешни работи на Литванија, Кестутис Будрис, на средбата во Скопје оценија дека билатералните односи меѓу двете земји се одлични и со потенцијал за понатамошно продлабочување.
Во фокусот на разговорите на двајцата претставници беа унапредувањето на политичките и економските односи, зајакнувањето на евроатлантската соработка и поддршката за европската интеграција на Северна Македонија.
Двајцата министри констатираа дека постои простор за интензивирање на економската и трговската соработка, како и за реализација на нови заеднички иницијативи во периодот што следува.
Нагласено е дека актуелните геополитички околности бараат единство, засилена соработка и јасна ориентација кон европските вредности.
Во тој контекст, истакнато е дека отворањето македонска амбасада во Вилнус претставува значаен чекор за унапредување на партнерството меѓу двете земји.
Литванија, како што беше посочено, останува силен и принципиелен поддржувач на европската интеграција на Северна Македонија.
Министерот Муцунски, од своја страна, истакна дека односите со Литванија се темелат врз заеднички вредности и силна евроатлантска ориентација.
Тој нагласи дека слободата, суверенитетот и безбедноста бараат постојана посветеност и соработка со сојузниците, при што посетата ја оцени како нов импулс во билатералните односи.
„Особено сакам да ја истакнам принципиелната и континуираната поддршка што Литванија ѝ ја дава на нашата држава во процесот на нејзината европска интеграција. За тоа сме искрено благодарни. Недвосмислено сакам да пренесам став дека напредокот на нашиот европски пат не е само исполнување на една долгорочна стратегиска цел. Тоа е прашање што има пошироко безбедносно и геостратегиско значење. Нашето место е во Европската Унија – нагласи Муцунски.
