Топлотниот бран продолжува да ја зафаќа Македонија, а високите температури и во следните денови ќе останат главна карактеристика на времето. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денеска најтопло беше во Велес, каде што беа измерени 39 степени, додека во повеќе градови температурите достигнаа 37 и 38 степени.
Највисока температура од 39 степени беше измерена во Велес, 38 степени во Скопје-Петровец и Кавадарци, а 37 степени во Штип, Демир Капија и на Зајчев Рид во Скопје. Во Виница беа измерени 36 степени, во Струмица и Гевгелија 35, а во Битола и Тетово 34 степени.
До крајот на денот ќе се задржи сончево и топло време со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од источен и североисточен правец.
И утре времето ќе биде сончево и многу топло. Утринските температури ќе се движат од 14 до 21 степен, додека дневните ќе достигнат од 31 до 39 степени. Во Скопје се очекува максимална температура до 38 степени.
Според прогнозата на УХМР, до вторник Македонија ќе биде под влијание на топла воздушна маса од југ, поради што температурите насекаде ќе останат над 30 степени, а на повеќе места ќе достигнат до 39 степени. Топло ќе биде и во текот на ноќта.
Промена на времето се очекува од вторник попладне, кога под влијание на циклонска активност ќе има зголемена облачност и повремени врнежи од дожд.
Од среда се прогнозира пад на дневните температури, како и локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа се можни и поинтензивни временски непогоди проследени со обилен дожд, електрични празнења, силен ветер и појава на град.
Од четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, особено долж Повардарието, каде што на моменти брзината ќе надминува 50 километри на час.
