Платниот систем во Македонија влегува во нова фаза со примената на меѓународниот стандард ISO 20022, со што досегашните обрасци за плаќање ПП 30 и ПП 50 се заменуваат со нови. За граѓаните и компаниите ова не значи промена на парите или на сопственоста на банкарските сметки, туку нов начин на пополнување на платните налози: задолжителен формат IBAN со 19 знаци, нови кодови од четири букви за плаќањата и поструктурирани правила во услугите за електронско и мобилно банкарство.
Главната промена кај секојдневните трансакции се однесува на новиот формат на денарската банкарска сметка – IBAN. Досегашната сметка со 15 цифри отсега треба да се наведува во целосен формат, со префиксот MK07, со што вкупно содржи 19 знаци.
Самата сметка на клиентот не се менува, туку се надополнува со меѓународниот код на државата и две контролни цифри. Тие служат како безбедносен филтер во електронските системи: доколку корисникот погреши дури и една цифра при пополнувањето, апликацијата или банкарскиот систем веднаш го блокира процесирањето на плаќањето, пред парите да бидат префрлени на погрешна сметка.
Досегашните нумерички кодови, како 100 за купување, 200 за услуги, 310 за плати и серијата 500 за буџетски обврски, се заменуваат со меѓународни кодови според стандардот ISO, составени од четири знаци.
За исплата на плати ќе се користи кодот SALA, за сметки за комунални услуги, како електрична енергија, вода и интернет, кодот UTIL, а за даноци и административни такси кодот TAXS. Плаќањата за стоки и услуги ќе се евидентираат со кодовите GDDS, односно SCVE, за закупнини ќе се користи RENT, а за полиси за осигурување INSU.
Во апликациите за мобилно и електронско банкарство, корисниците вообичаено нема да имаат потреба да ги паметат овие кратенки. Банките ги интегрираат во соодветните менија на македонски јазик, каде што секој вид плаќање е јасно објаснет.
Зачуваните сметки на примателите во банкарските апликации автоматски се конвертирани во форматот IBAN. Сепак, корисниците може да забележат промени кај некои од претходно креираните шаблони за редовни месечни плаќања.
Кај платните налози за кои старите трицифрени кодови немаат директен соодветен код во новиот систем, апликацијата при првото плаќање бара од корисникот рачно да го избере новиот код од менито и повторно да го зачува платниот налог.
И полињата за референтниот број и моделот на плаќање сега се построго стандардизирани, со цел да се избегне нецелосно пополнување на сметките од страна на јавните комунални претпријатија и телекомуникациските оператори.
За граѓаните кои сè уште ги вршат плаќањата директно на шалтерите во банките или поштите, промените носат и нови обрасци:
- Образецот КТД (Кредитен трансфер во денари) го заменува образецот ПП 30 за плаќања меѓу граѓаните и компаниите.
- Образецот КТБ (Кредитен трансфер за буџетски корисници) го заменува ПП 50 за плаќање даноци, казни и такси кон државата.
- Образецот ВГ (Вложување готовина) го заменува ПП 10, додека ПГ (Подигнување готовина) го заменува ПП 40.
- За компаниите, образецот ЗКТ (Збирен кредитен трансфер) го заменува ПП 53 за групна исплата на плати.
Ова техничко усогласување на домашниот платен систем претставува и директна подготовка на банкарскиот сектор за пристапување на земјата кон системот СЕПА, кој се очекува да овозможи побрзи и поевтини прекугранични плаќања со европските земји.


