Вишиот суд во Белград донесе нова првостепена пресуда за родителите на Коста Кецмановиќ, момчето кое на 3 мај 2023 година изврши масовно пукање во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград.
На повтореното судење, Владимир Кецмановиќ е осуден на 14 години и шест месеци затвор, додека неговата сопруга Миљана Кецмановиќ доби казна од две години и 11 месеци затвор.
Владимир Кецмановиќ беше обвинет за тешко дело против општата безбедност, како и за запуштање и занемарување на малолетен син. Миљана Кецмановиќ во повторената постапка се товареше за кривично дело поврзано со запуштање и занемарување на детето.
Во истата постапка се споменуваат и други лица поврзани со случајот. Апелациониот суд претходно ја намалил казната на Немања Маринковиќ, инструктор во стрелачкиот клуб „Партизан“, каде што Владимир го водел својот син на обука за пукање. Неговата казна е намалена на една година домашен притвор.
Сопственикот на стрелачкиот клуб, Ратко Ивановиќ, добил пет месеци домашен притвор.
Родителите на Коста Кецмановиќ истите казни ги добија и на првото судење, кое заврши во декември 2024 година, но пресудата подоцна беше укината и предметот беше вратен на повторно одлучување.
Трагедијата во училиштето „Владислав Рибникар“ го потресе регионот, откако тогаш 13-годишниот Коста Кецмановиќ со оружје што го зел од својот татко уби девет ученици и еден училишен чувар, а повреди уште неколку лица. По нападот тој ѝ се предаде на полицијата.


