ВМРО ДПМНЕ синоќа во Струмица го одбележа 36 роденден на партијата. На свеченоста, пред присутните членови и симпатизери претседателот на партијата и премиер Христијан Мицкоски испрати неколку пораки и најави промени кои, како што рече, почнуваат од утре со реконструкцијата на Владата.
Мицкоски нагласи дека го следи феноменот кај дел од ешалоните на власта кои се однесувале спротивно на принципите на Владата и на кои, како што рече „фотелјите им станале поблиски од народот“.
„Има и такви на кои фотељата им стана поблиска од контактот со народот. Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме“, истакна Мицкоски.
Тој сподели дека пред осум години кога ВМРО-ДПМНЕ била во опозиција, а тој беше избран за претседател на партијата, бил во посета на месните комитети во Струмица со само двајца-тројца луѓе со него.
„Јас пред осум години токму од Струмица, кога станав претседател на ВМРО-ДПМНЕ, почнав со посета на месните комитети, со еден партиски автомобил што неретко се расипуваше, со една наследена и истрошена камера, со блокиран партиски имот и со двајца-тројца луѓе околу мене. Но желбата за успех беше голема. Ова време не треба да го заборави никој. И ова е порака дека нема да толерирам занес во привилегиите што ги нуди власта“, порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.


