June 5, 2026

Започна Самитот на Европската Унија и Западен Балкан во Тиват

Самитот на Европската Унија (ЕУ) и Западен Балкан започна во Тиват, Црна Гора, која за првпат е домаќин на собирот на лидерите на ЕУ и земјите од регионот на највисоко политичко ниво.

Самитот се одржува под слоганот „Заеднички просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“, а домаќин е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.

На самитот учествуваат претставници на земјите членки на Европската Унија и земјите од Западен Балкан, а според наводите на домаќинот, во Тиват престојуваат 35 меѓународни делегации. Учеството го потврдија и околу 20 лидери на земјите членки на ЕУ, меѓу кои се францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц и други. Освен тоа, присутни се претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Во фокусот на разговорите ќе бидат политиката на проширување на Европската Унија, реформските процеси во земјите кандидати, унапредувањето на владеењето на правото, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и решавањето на билатералните спорови во регионот.

Се очекува европските лидери да ја потврдат целосната поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан и да го разгледаат остварениот напредок во процесот на нивната постепена интеграција во ЕУ, вклучувајќи ја и реализацијата на Планот за раст за Западен Балкан.

Една од темите ќе биде и зајакнувањето на безбедноста и отпорноста на регионот во контекст на сложените геополитички околности, како и моделите за приближување до Европската Унија кои во последните месеци им се нудат на земјите кандидати пред полноправното членство.

Одржувањето на самитот во Црна Гора доаѓа во момент кога таа земја оствари значителен напредок на европскиот пат. Европската Унија неодамна го одобри формирањето ад хок група за изработка на нацрт-договорот за пристапување, што се смета за важен чекор кон членството и потврда дека Црна Гора во моментов е најсериозниот кандидат за влез во ЕУ меѓу земјите од регионот.

Редовните самити на Европската Унија и Западен Балкан се одржуваат од 2020 година, а собирот во Тиват е прв ваков самит организиран во Црна Гора.

Read Previous

Во Струга денеска ќе се одржи 23. Конференција на КОСАП

Read Next

Европа бара бакар, во Македонија развојот на рударството го кочат теории на заговори