Телото на поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кој почина минатата недела во Хаг додека ја издржуваше доживотната затворска казна за геноцид и други воени злосторства во Босна и Херцеговина, е вратено во Србија.
Ковчегот на Младиќ, завиткан со српското знаме, го пренесоа припадници на Војската на Србија од авионот до возило со кое неговите посмртни останки беа транспортирани во Воено-медицинската академија за обдукција.
По должината на трасата од аеродромот до болницата се собраа повеќе групи граѓани. Стоејќи на надвозници, тие ја поздравуваа погребната поворка со телото на Младиќ, држејќи транспаренти со пораки како „Ти благодариме, генерале” и „Хероите никогаш не умираат”.
Провладините таблоиди детално и во живо известуваа за настаните, нарекувајќи го Младиќ „српски генерал” и тврдејќи дека бил „убиен во Хаг”.
Погреб со највисоки државни почести?
Ратко Младиќ во 2017 година беше осуден на доживотен затвор од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг за геноцидот во Сребреница, во кој беа убиени повеќе од 8.000 муслимански мажи и момчиња, за повеќегодишната опсада на Сараево за време на војната во Босна од 1992 до 1995 година, како и за други воени злосторства, меѓу кои формирање логори за притвор на несрпски цивили и воени заробеници.
Медиумите во Белград известуваат дека Младиќ ќе биде погребан во понеделник, 7 септември, во Белград. Министерот за правда Ненад Вујиќ претходно соопшти дека погребот ќе се одржи со највисоки државни почести.
Сепак, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека конечната одлука ќе биде оставена на семејството.
Безбедносните служби проценуваат дека на погребот би можеле да присуствуваат десетици илјади луѓе.
„Ќе бидеме тука за да обезбедиме секаков вид логистичка и транспортна поддршка и да го одржуваме јавниот ред и безбедноста”, изјави Претседателот, додавајќи дека „е многу тешко да се обезбеди и гарантира безбедноста на сите”.
Децениско величење на Младиќ
За Јасмина Лазовиќ, извршна директорка на белградскиот Фонд за хуманитарно право, организација која со децении работи на транзициската правда и соочувањето со минатото, ваквиот развој на настаните не претставува изненадување.
Таа укажува на долгогодишното величање на Ратко Младиќ и неговото наследство во Србија.
„Нема ниту еден мал град во Србија без барем еден мурал што го велича Ратко Младиќ. Наративот дека бил неправедно осуден постои со години”, изјави таа за ДВ. „Сега се појави и наратив дека бил убиен, иако почина на 85-годишна возраст по неколку мозочни удари.”
Според Лазовиќ, ваквите наративи се вклопуваат во претставувањето на Србија од страна на државното раководство како земја што водела исклучиво одбранбени војни и не оставаат доволно простор за расправа за последиците од тие конфликти и за жртвите што останале зад нив, ниту во медиумите ниту во образовниот систем и институциите.
„Постојат стотици илјади жртви низ Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово. Пред сè, станува збор за злосторства извршени врз цивили, злосторства што оставија земји од регионот, особено Босна и Херцеговина, со целосно променета етничка структура”, вели таа.
Лазовиќ додава дека меѓу жртвите се и лица кои преживеале силувања и тортура, како и оние кои биле присилно раселени.
„Списокот е долг, а нашите сознанија се ограничени”, нагласи таа.
Генерал без чин
Најавата дека Младиќ би можел да биде погребан со највисоки државни почести предизвика брзи реакции од меѓународната заедница.
„Величањето на воените злосторници е спротивно на европските вредности. За тоа нема место ниту во земјите членки на Европската Унија ниту во земјите кандидати. Се надевам дека владата во Белград е свесна за тоа”, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос.
На тоа Александар Вучиќ одговори обвинувајќи ги Западот и Хашкиот трибунал дека вината за воените злосторства ја префрлаат само врз Србите и дека не обезбедиле правда за српските жртви.
Сепак, засега официјално одлуката за тоа дали починатиот генерал ќе добие државни почести ја препушти на семејството на Младиќ.
Јасмина Лазовиќ смета дека Вучиќ повторно ќе избере прагматичен пристап и дека конечната одлука ќе зависи од проценката што носи поголема политичка корист и што може да предизвика поголема штета.
Таа нагласува дека прашањето не е само политичко, туку и правно.
„Она што се занемарува е фактот дека Ратко Младиќ навистина беше генерал, но беше осуден на доживотен затвор. Според Законот за Војската на Србија, секој што е осуден на повеќе од една година затвор за кривично дело го губи својот чин и сите привилегии што произлегуваат од него”, изјави таа за ДВ.
„Доколку Ратко Младиќ биде погребан со највисоки државни почести врз основа на чинот што го имал за време на вооружените конфликти, тоа би претставувало директно кршење на законите на оваа држава”, додава Лазовиќ.
Што мислат граѓаните на Србија?
На прашањето како гледаат на Ратко Младиќ, граѓаните кои ДВ ги анкетираше во повеќе градови низ мултиетничката автономна покраина Војводина изнесоа остро спротивставени ставови, од уверувања дека бил неправедно осуден до целосно прифаќање на пресудата за геноцид.
„Што требаше да направи, да дозволи да ги убијат сите Срби? Ти благодариме за сè”, изјави еден жител на Рума за ДВ.
„За мене, прашањето беше затворено кога беше изречена пресудата за геноцид“, рече студент од Нови Сад.
Но, повеќето соговорници едноставно не сакаат да навлегуваат во темата.
„Имам доволно свои проблеми“, изјави Светлана од Зрењанин.
Горан од Нови Сад смета дека станува збор за уште едно политичко прашање.
„Со години прават будали од нас. Ништо не е поинаку ни сега“, изјави тој за ДВ.
Според Јасмина Лазовиќ, мнозинството Срби се рамнодушни кон ова прашање.
За неа, тоа претставува поголем проблем дури и од фактот што провладините медиуми ја претставуваат Србија како земја што сака да се прости од Младиќ како од генерал. Таа смета дека соочувањето со наследството на Младиќ и со минатото е клучно доколку српското општество сака да продолжи напред.


