May 29, 2026

Следната сабота почнува матурата за над 14.500 средношколци


Идната сабота почнува полагањето на екстерните испити од државната матура за повеќе од 14.500 матуранти во учебната 2025/2026 година. Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), пријавени се вкупно 14.587 ученици, од кои 12.184 за државна матура, 2.276 за државна стручна матура и 127 за државна уметничка матура.

Првиот екстерен испит ќе се полага на 6 јуни од 9 часот, а учениците ќе избираат меѓу странски јазик, математика или историја, во зависност од типот на матурата. Најголем дел од кандидатите – 13.208 – се пријавени за англиски јазик.

Задолжителниот испит по мајчин јазик и литература ќе се полага на 11 и 12 јуни. Македонски јазик ќе полагаат 9.810 ученици, албански 4.199, турски 360, а српски јазик пет кандидати.

Од ДИЦ велат дека подготовките се одвиваат според планираната динамика и дека се обезбедени услови за фер и непречено полагање. За спроведување на испитите ќе бидат ангажирани околу 2.500 тестатори и 200 набљудувачи.

Во просториите каде што ќе се полага матурата ќе биде забрането користење мобилни телефони и други електронски уреди.

Read Previous

Ѓорѓиевски најави тендерска постапка за „Цветан Димов“ кај Јаја Паша до крај на годината

Read Next

Албанија го одби барањето за повлекување на дипломатите од Киев