May 26, 2026

Северна Македонија и Хрватска потпишаа договор за стратегиска соработка

Претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денес во Охрид го прими хрватскиот колега Андреј Пленковиќ, кој престојува во официјална посета на земјата.

По средбата, двајцата премиери потпишаа договор за стратегиска соработка меѓу двете влади, со што, како што беше оценето, започнува нова етапа во билатералните односи. Покрај договорот за стратегиска соработка, беше потпишан и договор за соработка меѓу македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и хрватското Министерство за економија.

На заедничката прес-конференција Мицкоски истакна дека Хрватска е близок партнер, пријателска земја и сојузник во НАТО, со која Северна Македонија дели заеднички интереси и визија за стабилен и европски Западен Балкан.

„Особено сме задоволни што ја подигнуваме нашата соработка на повисоко ниво преку потпишување на договорот за стратегиска соработка помеѓу двете влади. Овој договор е повеќе од дипломатски акт и претставува рамка за долгорочно партнерство“, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека договорот ќе овозможи поинтензивна соработка во повеќе стратегиски области, меѓу кои транспортот, енергетиката, индустријата, ИТ-секторот, здравството, образованието, јавната безбедност, одбраната, кибербезбедноста и управувањето со границите.

Според Мицкоски, договорот отвора простор и за подлабока соработка меѓу институциите, компаниите, инвеститорите, академската заедница и граѓанскиот сектор на двете земји. Тој додаде дека со Пленковиќ разговарале и за економските односи, инвестициите, регионалната безбедност и актуелните геополитички случувања.

Една од главните теми на разговорите биле и евроинтеграцијата на Северна Македонија. Мицкоски оцени дека патот кон Европската Унија е оптоварен со непринципиелни блокади, што, според него, го доведува во прашање интегритетот на процесот.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, од своја страна, порача дека Хрватска останува силен и конзистентен поддржувач на македонските евроинтеграции. Тој оцени дека актуелната ситуација е неправедна и изрази подготвеност Загреб да помогне во деблокирањето на процесот и придвижувањето на Северна Македонија кон членство во ЕУ.

Read Previous

Сѐ помалку луѓе патуваат со автобус: Пад од 5% на бројот на превезени патници во првите три месеци од годинава