May 21, 2026

Пет нови авиолинии ова лето: Николоски најави проширување на мрежата на летови

И покрај тоа што не беше постигнат договор со нискобуџетната авиокомпанија Ryanair, Владата најавува проширување на авионската мрежа и воведување нови летови од македонските аеродроми во текот на летната сезона.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, соопшти дека ова лето ќе бидат воведени пет нови авиолинии од Скопје и Охрид, оценувајќи дека земјава останува активна на полето на авионскиот сообраќај и покрај глобалните предизвици во индустријата.

Тој нагласи дека државата останува отворена за соработка со сите авиокомпании, но нема да прифати услови кои, според него, би биле на штета на другите превозници и на државните интереси.

„Даваме субвенција од 9 евра за секој странски патник на скопскиот аеродром и 12 евра за охридскиот. Ако сакаат да учествуваат, вратата е отворена. Но не можеме да прифатиме уцени и барања за повисоки субвенции само за една компанија“, изјави Николоски.

Според најавите, Austrian Airlines ќе воспостави директна линија Виена–Охрид, додека во јуни ќе стартуваат и летови од Краков и Вроцлав до Охрид. Од скопскиот аеродром, пак, ќе бидат воведени две нови летни дестинации – Палермо на Сицилија и Алгеро на Сардинија.

Николоски посочи дека Македонија е единствената земја во регионот која отвора нови авиолинии во период кога глобалната авиоиндустрија се соочува со сериозна криза.

Министерот информираше и дека Wizz Air ќе стационира седми авион на скопскиот аеродром, а компанијата размислува и за воспоставување база на охридскиот аеродром.

Во однос на снабдувањето со керозин, Николоски уверува дека државата располага со резерви над законскиот минимум и дека состојбата е стабилна, додавајќи дека дел од регионалните аеродроми во моментов се снабдуваат токму од Македонија.

Read Previous

Хрватска усвои закон за долгорочни визи за професионалните возачи од Северна Македонија

Read Next

Албанските студенти најавија протест во Тирана за поддршка на студентите од Македонија