May 19, 2026

Хрватска усвои закон за долгорочни визи за професионалните возачи од Северна Македонија

Во Хрватска е усвоен законот со кој професионалните возачи ќе можат да добиваат долгорочни визи, најави вицепремиерот и министер за транспорт на Северна Македонија, Александар Николоски.

„Тоа е чекор напред во решение на проблемот кој произлезе со воведување на ЕЕС-системот во Шенген-зоната. Овој закон многу ќе помогне на македонските професионални возачи“, напиша Николоски на социјалните мрежи.

Тој додаде дека oва е реализација на договорот со вицепремиерот и министер за поморски работи, транспорт и инфраструктура на Хрватска, Олег Бутковиќ, во јануари годинава.

„Швајцарија веќе издава долгорочни визи. Очекуваме и други држави да се приклучат. Продолжуваме кон конструктивни решенија за нашите професионални возачи“, додаде Николоски.

Професионалните возачи од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора во јануари одржаа протести на граничните премини како реакција на новиот европски систем за управување со границите – системот за влез/излез (EES).

Новиот систем на Европската Унија (ЕУ), EEС, на 10 април беше целосно оперативен на сите надворешни гранични премини на Шенген-зоната.

Овој систем ја заменува традиционалната практика на ставање печати во пасошите со дигитална евиденција на движењето на патниците кои не се државјани на ЕУ.

Read Previous

Затворен граничниот премин Градишка по уривање на дел од мостот преку Сава, итна седница на Советот на министри на БиХ