November 4, 2026

МВР дел од меѓународна операција за разбивање криминална мрежа за инвестициски измами која успеала да „ќари“ над 4 милиони евра

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, учествуваше во меѓународна координирана операција насочена кон разбивање транснационална криминална мрежа инволвирана во организирани инвестициски измами преку интернет, информираа од МВР.

Оттаму нагласија дека операцијата била спроведена во рамки на меѓународната полициска и правосудна соработка, со поддршка и координација на Европол и Европравда, а во неа учествуваа надлежни органи од Германија, Кипар, Финска, Албанија, Израел, Косово и Македонија.

Како резултат на координираните активности, во различни земји уапсени се седум осомничени лица, извршени биле претреси на 17 локации и запленети биле повеќе од 100 сервери, како и други електронски докази и средства поврзани со криминалните активности.

Според досегашните сознанија, утврдената финансиска штета надминува четири милиони евра, а потенцијални жртви се идентификувани во најмалку 50 држави.

„Учеството во оваа меѓународна операција претставува уште една потврда за активниот придонес на Министерството за внатрешни работи во заедничките напори за откривање и сузбивање на организираниот криминал, како и за унапредување на меѓународната полициска соработка“, посочија од МВР.

Read Previous

Поранешниот директор на „Лотарија“ ослободен од притвор, Судот ја прифати гаранцијата од 1,1 милиони евра

Read Next

Три нови фабрики во декември, над 1.000 добро платени работни места