Основниот кривичен суд Скопје објави податоци за бројот на приговори поврзани со прекршочните налози издадени преку системот „Safe City“ за месец април годинава, при што се забележува значителен пад на нивниот број.
Според информациите од судот, во текот на април 2026 година биле поднесени вкупно 38 приговори, односно барања за поведување прекршочна постапка. Од нив, 32 се поднесени од физички лица, додека 6 се од правни лица.
Од Кривичниот суд информираат дека паралелно со намалениот број на нови приговори, во тек е и завршување на постапките по претходно поднесените случаи.
„Бројот на граѓаните и правните лица кои не ја прифаќаат одговорноста за сторениот прекршок и поднесуваат приговор до надлежниот суд, во четвртиот месец е значително намален, а воедно веќе се завршуваат предметите по претходно поднесените приговори“, стои во соопштението на Основниот кривичен суд Скопје.
Системот „Safe City“ се применува за автоматска евиденција на сообраќајни прекршоци, по што се издаваат прекршочни налози, со можност граѓаните да поднесат приговор доколку не се согласуваат со утврдената одговорност.


