Во Скопје се одржа протест на студентите кои бараат правосудниот испит да се полага и на албански јазик.
Протестот почна од Плоштадот „Филип II“, каде што студентите со различни транспаренти бараа, како што кажаа, „правда“.
„Закон на хартија, дискриминација во практика“, „Не негирајте стекнато право“, „Почитувајте го Законот за употреба на јазиците“, „Стоп на институционалната дискриминација“ беа неколку од транспарентите што ги носеа студентите.
Протестот потоа продолжи со марш преку Камениот мост, па до Министерството за правда.
Студентите побараа оставка од министерот за правда Игор Филков, кој изјави дека нема да дозволи правосудниот испит да се одржи на албански јазик.
„Нашето барање е едноставно, почитувајте го Уставот и законот, ни повеќе, ни помалку. Нашите колеги имаат право да го полагаат правосудниот испит на албански јазик. Секое одложување е обид да ни се одземе правото кое ни е одземено со години“, рече студентот Бесар Сејдиу, претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот „Мајка Тереза“.
– Владата формираше група уставни експерти што работат на решение –
Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека како влада формирале група од уставни експерти коишто работат на решение што ќе биде и уставно, но и во согласност со меѓународните стандарди.
Министерството за правда изјави дека правосудниот испит не може да се одржи на албански јазик, и покрај Законот за употреба на јазиците.
Законот за употреба на јазиците беше усвоен во 2018 година и предвидува во сите органи на државната власт, покрај македонскиот јазик и азбука, службен јазик да биде и јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните на земјата и неговата азбука, во случајот албанскиот јазик.

