March 31, 2026

Тошковски: Потпишан Меморандум за соработка за изградба на нови полициски станици во Кисела Вода и Илинден

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска потпиша Меморандум за соработка со градоначалниците на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска и Општина Илинден, Александар Георгиевски, за изградба на нови полициски станици во овие две општини со цел унапредување на безбедноста и подобрување на услугите кон граѓаните.

Со Меморандумот се уредува начинот на меѓусебна соработка помеѓу институциите, со акцент на поефикасно спроведување на законските надлежности согласно Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, како и реализација на заеднички проекти од јавен интерес.

Во рамки на оваа соработка, за првпат е предвидена изградба на полициска станица во Општина Илинден, како и изградба на нов објект на полициска станица во Општина Кисела Вода, што ќе придонесе за зголемено полициско присуство, побрза реакција и повисоко ниво на безбедност за граѓаните.

Соработката ќе се реализира преку заеднички проектни активности за изградба на нови објекти предвидени во урбанистичките планови, како и преку други иницијативи од взаемен интерес.

„Овој Меморандум претставува значаен чекор кон јакнење на институционалната соработка и создавање побезбедна средина за граѓаните. Со изградбата на нови полициски станици директно вложуваме во зголемување на безбедноста, но и во унапредување на квалитетот и достапноста на услугите што Министерството ги обезбедува. Нашата цел е да бидеме поблиску до граѓаните и да одговориме навремено и ефикасно на нивните потреби“, истакна министерот Тошковски.

Со ваквите иницијативи Министерството за внатрешни работи продолжува со континуирани инвестиции во инфраструктурата и капацитетите, со крајна цел – повисоко ниво на јавна безбедност и поефикасни услуги за сите граѓани.

Read Previous

Филмот „Аромата на минатото“, кој раскажува љубовна приказна од Северна Македонија, ќе биде прикажан во Турција

Read Next

Ова се новите цени на горивата