March 30, 2026

Четири лица уапсени за убиство откако беше најдено тело на маж со прострелна рана кај Виница

Убиството што вчера ја вознемири јавноста во Виница е расчистено, а против 80-годишен грчки државјанин ќе биде поднесена кривична пријава за убиство.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, на 28 март околу 16:11 часот било пријавено дека во близина на градските гробишта во Виница е пронајдено безживотно тело на 56-годишен маж од виничкото село Липец.

„Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено за обдукција“, соопштија од МВР.

Во рамки на истрагата, полицијата привела четири лица – тројца странски државјани и еден македонски државјанин.

„Полициски службеници ги лишија од слобода И.Л.(24), Г.П.(80), С.Р.(55) сите од Р.Грција и С.З.(57) од с. Жабени, битолско“, информираат од МВР.

По преземените мерки во координација со Основното јавно обвинителство Кочани, извршени биле претреси во возилата и во апартманите во Виница каде престојувале осомничените.

„При претресите пронајдени и одземени се четири ловни пушки и околу 800 парчиња ловечка муниција, како и друг доказен материјал од интерес на истрагата“, наведуваат од полицијата.

Против 80-годишниот грчки државјанин ќе биде поднесена кривична пријава по член 123 од Кривичниот законик за убиство, додека за останатите лица ќе следуваат соодветни поднесоци до обвинителството.

Со ова, случајот кој првично беше пријавен како сомнителна смрт со прострелна рана, доби јасна кривично-правна квалификација, а истрагата продолжува со утврдување на сите околности под кои се случил настанот.





ZOOM

Read Previous

Николоски објави како ќе изгледа реконструкцијата и проширувањето на охридскиот аеродром