March 25, 2026

Скопје ќе добие БРТ за 70 милиони евра

Владата преку Министерството за транспорт и Министерството за финансии ја потврди силната поддршка за реализација на проектот за брз автобуски превоз (БРТ) во Град Скопје. Министерот за транспорт Александар Николоски на својот Фејсбук профил во објава истакна дека проектот ќе овозможи ефикасен, економичен и модерен градски сообраќаен систем.

Проектот предвидува изградба на две линии – Исток–Запад и Север–Југ – со набавка на CNG/хибридни нископодни БРТ возила, патнички информативен систем, паметни станици, како и интеграција во системот за управување со сообраќајот во Градот.

Проектот ќе се финансира со заем од 70 милиони евра поддршка од ЕБРД, при што Владата ќе ги трансферира овие средства како неповратни средства за Град Скопје. Рокот за завршување е февруари 2029 година.

Министерот Николоски нагласи дека развојот на главниот град го наметнува воведувањето на нови транспортни решенија за поефикасен превоз на граѓаните. Со соработката помеѓу Министерството за транспорт и Град Скопје, ќе се обезбеди соодветна инфраструктура за БРТ, а заедно со проектот за Градски воз и набавката на нови еколошки електрични автобуси, Скопје ќе добие комбиниран и модерен систем на јавен превоз, со значително подобрување на точноста и ефикасноста.

Read Previous

Потпишан протокол за соработка меѓу Министерството за култура и туризам на Северна Македонија и ТУРКСОЈ