March 24, 2026

Србија ќе воведе воен рок од 75 дена

 Српскиот министер за одбрана, Братислав Гашиќ, денес изјави дека се создадени услови за повторно воведување на задолжителна воена служба во траење од 75 дена и дека одлуката за почеток на службата ќе зависи од глобалните околности.

Гашиќ изјави дека воената служба би можела да започне во декември оваа година или во март 2027 година, во зависност од развојот на меѓународната ситуација.

Според неговите зборови, 60 дена би биле наменети за обука во касарните, додека дополнителни 15 дена би биле посветени на теренска обука.

„Не одредивме тукутака 75 дена. Армијата е учителка на животот и сигурно е дека регрутите ќе научат многу корисни работи што ќе им бидат корисни во иднина“, рече Гашиќ во емисијата „Уранак“ на телевизијата К1.

Тој додаде дека по завршувањето на основната обука, регрутите ќе бидат поканети на воени вежби во наредните години за да ги подобрат стекнатите знаења.

Гашиќ истакна дека во претходните години државата инвестирала значителни средства во опрема, инфраструктура и логистика, што создало услови за повторно воведување на воената служба.

Тој изјави дека воените складишта во моментов се добро снабдени со храна, енергија, опрема, униформи и оружје потребни за обука.

Зборувајќи за безбедносната состојба, министерот рече дека српската Армија во моментов ги обезбедува клучните критични инфраструктурни објекти, вклучително и складиштето за гас во Банатски Двор, поради зголемените глобални ризици.​​​​​​​

Тој додаде дека Армијата, доколку е потребно, ќе ги заштити и другите важни објекти низ целата земја.

Read Previous

Сиљановска-Давкова по средбата со Милановиќ: Нема место за двојни стандарди во евроинтегративниот процес