March 24, 2026

Сиљановска-Давкова по средбата со Милановиќ: Нема место за двојни стандарди во евроинтегративниот процес

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денес порача дека евроинтегративниот процес мора да остане заснован врз заслуги, реформи и исполнување на европските критериуми, а не оптоварен со билатерални, историски, културни, јазични и идентитетски прашања.

Сиљановска-Давкова денес во Загреб со официјална церемонија со највисоки државни и воени почести беше пречекана од претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, со што започна нејзината дводневна официјална посета на земјата.

Двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и хрватската делегација во чиј фокус беа традиционално пријателските билатерални односи.

На заедничката прес-конференција Сиљановска-Давкова истакна дека членството во Европската Унија останува една од стратегиските определби на државата и се заблагодари за пријателскиот однос, поддршката и разбирањето од Хрватска, како и за помошта во отворањето нови перспективи и можни решенија во процесот на европските интеграции.

„Се разбира, јас барам совети и мислења што се засновани врз сопственото искуство, тоа го барам и од оние од регионот што веќе чекорат напред, како Црна Гора и Албанија, и повторно забележувам разлики. Значи, разликите се врзани за ветото и за консензуалното одлучување во рамките на Европската Унија, се разбира, јасно ми е дека тоа не може да се смени преку ноќ бидејќи треба да се менуваат уставните документи, но она што го бараме ние скромно, како држава, како нација, е да нема двојни стандарди и да се вреднува тоа што се вреднува и кај другите“, посочи Сиљановска-Давкова.

Таа нагласи дека државата доследно се водела од Копенхашките критериуми, со цел да изгради функционален и демократски систем компатибилен со европските стандарди.

„Евроинтегративниот процес мора да остане заснован врз заслуги, реформи и исполнување на европските критериуми, а не да биде оптоварен со билатерални, историски, културни, јазични и идентитетски прашања.“

Таа порача дека очекува еднаков третман и примена на исти стандарди како и за другите земји кандидати, со уверување дека во европските институции сè уште постои слух за аргументите, за правото и за достоинствено место на секој европски народ во Унијата.

Read Previous

Претседателката Сиљановска-Давкова во официјална посета на Хрватска

Read Next

Србија ќе воведе воен рок од 75 дена