March 21, 2026

Уапсениот Анакиев барал 100.000 евра мито, парите ги криел под возачко седиште

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција побара определување мерка притвор за директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, осомничен за примање поткуп.

Обвинителството информира дека, по спроведена предистражна постапка и координирана акција со МВР, е донесена наредба за спроведување истрага против осомничениот, кој се товари за кривично дело „примање поткуп“.

Според досега обезбедените докази, осомничениот во периодот од почетокот на месецот до неговото апсење, како службено лице, директно побарал значителна имотна корист за да влијае врз службени постапки поврзани со увоз на стока.

Тој, како што наведуваат од ОЈО ГОКК, вршел притисок врз други службени лица да не дозволат увоз на стока за одредена фирма, иако таа претходно повеќепати била увезувана. Како образложение било наведено дека стоката не ги исполнува законските услови, поради што таа со денови останала блокирана на граничен премин.

Откако увозникот побарал дополнително објаснување, осомничениот, според истрагата, започнал со барање поткуп. На средба со шпедитерот и оштетениот, директно побарал 50.000 евра како прва рата, со договор останатите средства да бидат исплатени дополнително за идни увози.

Парите биле предадени преку посредник – шпедитер, кој остварил средба со осомничениот, по што било извршено примопредавањето. Веднаш потоа, полицијата го лишила од слобода.

Обвинителството оценува дека постојат околности кои го оправдуваат барањето за притвор и до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување на оваа мерка.

Истовремено се огласи и МВР од каде информираат дека на Анакиев му ги пронашле парите под возачко седиште.

– На 20.03.2026 полициски службеници од Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал го лишија од слобода В.А.(41) од Кочани и против него до ОЈО за ГОКК е поднесена кривична пријава поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по чл.357 од КЗ.
В.А., во својство на службено лице, директор на Државен инспекторат за земјоделство, со цел стекнување на противправна имотна корист од сопственик на правен субјект кој се занимава со увоз, индиректно преку лице шпедитер побарал поткуп во износ од 100.000 евра, за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши. Имено, на оштетеното лице му било образложено дека за стоката која што ја увезува има забрана за влез и дека истата треба да се врати, бидејќи не е во согласност со важечките законски прописи и дека претходно од страна на Државниот инспекторат за земјоделство бил изготвен записник. Со цел увозот да се изврши непречено, на оштетеното лице му биле побарани 100.000 евра, кои требало да ги предаде во три наврати и тоа во еден наврат износ од 50.000 евра и во два наврати по 25.000 евра.
На 19.03.2026 извршено е примопредавање на предметните парични средства во износ од 50.000 евра како прва рата од побараниот поткуп, при што истите првично од оштетеното лице ги презема шпедитерот, со цел подоцна да ги предаде на В.А.. По земањето на парите од страна на В.А., преземени се оперативно тактички мерки и активности и врз основа на издадени наредби извршен е преглед на лице, превозно средство и багаж. При прегледот на патничко моторно возило, под совозачкото седиште, парите се пронајдени и одземени, објави МВР.

Read Previous

Минчев во Белград: Соработката на Северна Македонија и Србија во јавната администрација влегува во поконкретна фаза