April 28, 2026

Меѓународна конференција за институционални решенија по пожарот во Кочани

Меѓународна конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани ќе се одржи денеска во Скопје. На конференцијата ќе учествуваат високи државни претставници, меѓународни експерти и водечки медицински професионалци од регионот и Европа.

Воведните обраќања на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу и министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се закажани за 09:30 часот DoubleTree by Hilton. Потоа следува краток комеморативен момент посветен на жртвите и последиците од трагедијата.

Темата на првиот панел насловен „Европскиот механизам за цивилна заштита и меѓународниот одговор“ ќе бидат меѓународните реакции по пожарот, координацијата меѓу државите и активирањето на европските механизми за итни ситуации.

Панелисти се Ивица Томовски, директор на СОЗР, Сиен Ванломел, DG ECHO – ERCC, д-р Игор Мерџановски, директор на ТОАРИЛУЦ, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Владо Мисајловски, министер за одбрана и Валентина Атанасовска, Државен завод за статистика, одделение за меѓународна соработка.

Вториот панел „Национален и меѓународен здравствен одговор и акутен третман на изгореници“ се фокусира на медицинскиот одговор, тријажата, ургентните постапки и сложените третмани за изгореници.

Панелисти ќе бидат прим. д-р Јасмина Горѓиевска, директор на УК за пластична хирургија, проф. д-р Марија Срцева, анестезиолог, ТОАРИЛУЦ, д-р Елизабета Обочки, пластичен хирург, доц. д-р Марко Јовиќ, Клинички центар Србија, д-р Крисаги Гинаки, интензивист, Болница Папаниколау – Солун и д-р Влатко Захариев, директор на КБ Штип.

Мултидисциплинарниот пристап, рехабилитација и опоравување ќе бидат во фокусот на третата панел дискусија на која ќе учествуваат д-р Катерина Мирчовска, директор на ОБ Кочани, проф. д-р Славица Арсовска, директор на УК за психијатрија, проф. д-р Маја Аргирова, Пирогов, Бугарија, д-р Божидар Поповски, пулмолог, проф. д-р Катерина Дамевска, директор на УК за дерматологија и д-р Симона Јовановска, физијатар, ОБ Кочани.

Панелот „Од искуство до решенија – улогата на заедницата и институциите“ започнува со видео пораки од пациенти и продолжува со дискусија за институционалното учење, хуманитарната поддршка и потребата од системски реформи.

Панелисти се д-р Владко Грозданов, градоначалник на Кочани, Саит Саити, генерален секретар на Црвен крст, д-р Небојша Настов, УК „Наум Охридски“, д-р Бесник Хамити, кабинет на министерот за здравство ид-р Надиа Депетрис, претседател на Европската асоцијација за изгореници (ЕБА).

Конференцијата завршува со презентација на министерот за здравство Азир Алиу за националните решенија, доделување благодарници на здравствените установи и официјално обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Read Previous

Ангажирани два армиски хеликоптери за пожарот на Јабланица

Read Next

Во вторник ќе се реализира уште еден лет за евакуација на македонски државјани заглавени во војната на Блискиот Исток