Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска во законодавниот дом се сретна со министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна официјална посета на земјата.
На средбата, на која присуствуваше и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, во фокусот беа билатералните односи, европската перспектива на регионот и сојузништвото во рамките на НАТО-алијансата.
Претседателот Гаши му посака срдечно добредојде на високиот претставник на пријателската и блиска држава, изразувајќи благодарност за континуираната и цврста поддршка што Република Хрватска ѝ ја дава на Северна Македонија.
„Особено се цени подготвеноста на Хрватска да ја споделува својата драгоцена експертиза и искуство од процесот на пристапување и водењето на преговорите за членство“, нагласи Гаши, додавајќи дека билатералната соработка се развива во духот на меѓусебна почит, солидарност и партнерство.
За време на разговорите, двајцата соговорници се согласија дека политиката на проширување на Европската Унија (ЕУ) не е само административен процес, туку „стратешка инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на регионот, како и на целиот европски континент“.
Беше поздравена и целосната усогласеност на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со што земјата потврди дека е кредибилен партнер на меѓународната сцена.
На средбата беше истакната важноста на сојузништвото и соработката во рамките на НАТО, каде што двете држави остануваат силно посветени на промовирање на заедничките вредности, принципи и одговорности на Алијансата.
Еден од клучните столбови на пријателството меѓу Република Северна Македонија и Република Хрватска, според соговорниците, е и високата почит кон човековите, националните и културните права на малцинствата.
Беше потенцирано дека односот кон заедниците кои живеат, работат или студираат во двете држави претставува „позитивен пример во регионот и пошироко“.
Претседателот Гаши изрази уверување дека посетата на министерот Грлиќ Радман дополнително ќе ги зацврсти односите на сите полиња од заеднички интерес, потпирајќи се на силната поддршка од страна на Република Хрватска на патот кон полноправно членство во ЕУ.
