Управувањето моторно возило без возачка дозвола е кривично дело. Согласно со законот, по наредба на Основно јавно обвинителство, Министерството за внатрешни работи има право да одземе такво возило.
Под управување без возачка дозвола се смета возачот никогаш да не положил возачки испит, дозволата да му е трајно одземена, или да управува со возилото во период кога му е изречена мерка привремена забрана за управување со моторно возило.
За нешто повеќе од две седмици, односно од почетокот на прокетот „Сејф Сити“ полицијата одзеде вкупно 90 возила!
– Во периодот од 1. до 16. февруари на територија на цела држава, по насоки на јавен обвинител, одземени се вкупно 90 возила. Од нив 14 возила се одземени на територија на СВР Тетово, 13 возила се одземени на територија на СВР Велес, 12 возила на територија на СВР Битола, по 11 на територија на СВР Струмица и СВР Куманово… информираат од МВР за Скопје Инфо.
Како што појаснуваат оттаму, полициските службеници го одземаат возилото по насоки на јавен обвинител, а натамошната постапка е во надлежност на обвинителството и судот.
Во моментов одземените возила се чуваат во полициска станица, а понатаму на места и локации кои што ќе бидат одредени од обвинителството.
Инаку, како што информираа вчера од полицијата, изминатата недела е намален бројот на сообраќајни прекршоци кои ги регистрирал „Сејф Сити“.

