Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) организираше протест пред Владата со барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување од 100 евра за сите други плати.
ССМ ги блокираше влезовите на Владата, додека Владата имаше редовна седница.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во изјавата за медиумите рече дека упатуваат порака до Владата на денешната седница многу сериозно да разговара за барањето на работниците за зголемување на минималната плата, како и на другите плати.
Тој рече дека во наредниот период не се исклучуваат вакви протести и во другите градови, додавајќи дека ѝ даваат рок на Владата до крајот на февруари да одлучи за колку ќе се зголемат платите.
„Сакаме да упатиме порака дека доколку до крајот на февруари не се договорат, не седнат и не разговараме за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите други плати, следува генерален штрајк со генерален работнички протест што ќе биде во неработно време на кои ќе бидат повикани сите работници што сметаат дека платите им се ниски“, рече Трендафилов додавајќи дека ова ќе го направат во првата половина на март кога ќе се утврди висината на минималната плата.
Потсетуваме дека ССМ и претходно организираше протест и блокади на различни локации со барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување од 100 евра за сите други плати.

