February 17, 2026

Вардар го поплави селото Стримница во Желино

Селото Стримница во Општина Желино е поплавено, откако реката Вардар, која минува низ средината на селото, се излеа од коритото. Освен тоа, дел од селото остана и без електрична енергија. Жителот на Стримница, Бујамин Рустеми, вели дека ова е четврти пат како водата ги поплавува нивните домови. Ги повикува институциите да преземат конкретни мерки, односно да го исчистат коритото на реката Вардар за да не се повтори истото.

„На некои водата им влезе во куќите и им предизвика штета. Како што и самите гледате, водата не запира. Ова е трет или четврт пат годинава да има поплава. Институциите треба да преземат мерки, да се исчисти реката Вардар и да не стои вака, бидејќи оваа вода им ги поплави и оштети куќите на луѓето, еве ги сите овие куќи што ги гледате. Ова не е во ред. Има луѓе кои не дозволуваат да се чисти Вардар. Државата треба да преземе мерки и напролет да дојдат машините да го исчистат. Доаѓаат, даваат ветувања, но не е исчистено.“, вели Бујамин Рустеми.

Директорот на ЈКП Желино, Суад Алили, изјави дека чистењето на реката е во надлежност на Министерството за екологија и Дирекцијата за води и апелира централните институции да преземат мерки.

„Ова не е во надлежност на општината, но ние сме биле блиску до граѓаните со можностите што ги имаме. Ова е во надлежност на Министерството за екологија и Дирекцијата за води, како и на ЕЛЕМ кој ги има своите хидроцентрали. Тука треба да се преземат мерки од централните институции бидејќи за реката Вардар надлежностите не паѓаат само врз општината. За земјиштето нема дилема, многумина имаат големи штети во овој дел. До јули ова прашање треба да се реши, бидејќи станува збор за повеќегодишен проблем.“, рече Суад Алили.

Командантот на пожарникарите, Авни Амети, изјави дека во селото Стримница ситуацијата била толку алармантна што морале да интервенираат за евакуација на едно семејство од нивниот дом.

„Пожарникарите од Тетово евакуираа едно семејство кое беше заглавено. Има 18 куќи кои се непристапни во селото Стримница како последица на излегувањето на реката Вардар од коритото.“, вели Авни Амети.

Во тетовскиот регион големи штети од поплавите имаше и во подрачјето на Требош, каде што беа оштетени патот и земјоделските површини, како и во селата Шемшево и Џепчиште, каде што имаше и свлечишта.

Read Previous

За две недели МВР одзеде 90 возила низ цела Македонија, најмногу во Тетово

Read Next

Муцунски на министерски состанок за Коридорот 8 во Тирана