Во Албанија се одржа трилатерална средба меѓу Албанија, Косово и Хрватска, со фокус на соработката во областа на одбраната.
Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Албанија, генерал-потполковник Арбен Кинѓи, преку социјалните мрежи потврди дека средбата се одржала во Скадар.
„Започна трилатералната средба заедно со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Хрватска и командантот на Косовските безбедносни сили, со фокус на продлабочување на воената соработка преку конкретни планови. Целта на оваа средба е зајакнување на воениот ангажман и координација, во согласност со трилатералниот договор за одбрана меѓу нашите земји“, напиша Кинѓи.
Во март минатата година, Албанија, Косово и Хрватска потпишаа заедничка декларација за соработка во областа на одбраната, која има за цел зајакнување на одбранбените способности на трите земји, развој на одбранбената индустрија и технологија, како и подобрување на воената интероперабилност во регионот.

