February 11, 2026

Запленетите 40 тони марихуана во депо на МВР

Во првата фаза од акцијата на полицијата против неколку компании за производство на медицински канабис, се запленети 40 тони марихуана, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, додавајќи дека марихуаната е незаконски обработувана од компаниите.

„Се работи за марихуана која е констатирана од страна на Комисијата при Министерството за здравство дека е произведена и складирана надвор од протоколите кои требало да се почитуваат за целиот процес. Таа е незаконски обработувана од компаниите од кои е запленета“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Дрогата е сместена во просториите на МВР со цел да се користи понатаму во рамките на процесот на докажување. Премиерот Мицкоски очекува на владина седница да се донесе одлука за формирање комисија и тим кој ќе влезе во повеќе компании, ќе ја контролира работата и ќе ја утврди состојбата, кои компании работеле согласно законот и кои не, и кои го манипулирале законот. Мицкоски испрати порака до оние кои одлучиле да се занимаваат со криминал.

„Сакам само да испратам порака до сите оние кои мислат дека криминалот е исплатлива работа, можеби тоа било така некогаш, во други времиња, со друга политичка констелација. Но денес криминалот не е исплатлив. Ќе бидете фатени и ќе бидете строго казнети, сите вие кои мислите дека криминалот е исплатлив како професија“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, изрази сомнежи за шверц на 5 тони дрога преку границата со Србија.

„Сè што прави оваа власт цело време е дефокус! Немаме одговор како таа дрога го минала граничниот премин, покрај сите гранични служби, царина, полиција. Кој е одговорен таму? Дали ги проверуваат налозите, дали бараат документи? Тоа се три или четири камиони со мауни, колку би требало за да се натоварат 5 тони дрога. Добро, нека се направат тие истраги, каде има криминал нека одговорат, но сето ова се прави за дефокус. Никој не одговара како 5 тони дрога стигнале во Србија? Тоа е главното прашање!“ – изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Во акцијата од минатата недела, кога беа запленети повеќе од 40 тони марихуана од неколку правни лица во земјата, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека се истражуваат сомневањата за врски на нарко-дилери од Србија со домашни компании кои одгледуваат марихуана за медицински цели. Обвинителството потврди дека се во координација и со други јавни обвинителства со локална надлежност, кои постапуваат во случаи на кривични дела утврдени со Законот за контрола на наркотични дроги.





TV21

Read Previous

Едноставен појадок полн со витамини

Read Next

Реката Дрина во БиХ од година во година се задушува во тони отпад