Премиерот Христијан Мицкоски вечерва изјави дека случајот со петте тони дрога запленети во Србија, за кои српското обвинителство наведува дека потекнуваат од Македонија, претставува сериозен безбедносен и институционален проблем.
Тој најави дека во наредните денови Министерството за внатрешни работи ќе излезе со информации за заплена на десетици тони дрога, за која е утврдено дека била незаконски пуштена во промет или складирана.
Според Мицкоски, станува збор за проект започнат во минатото, под водство на претходната влада, со кој, како што рече, граѓаните и дел од инвеститорите биле доведени во заблуда дека преку одгледување канабис ќе се постигне брза економска добивка и економска трансформација.
„Тоа беше практично економската политика на владата на СДСМ и ДУИ“, изјави Мицкоски, додавајќи дека очекува МВР да презентира докази за десетици тони недозволени материи, пред сè марихуана, кои моментално се наоѓаат во складишта во Македонија или биле предмет на незаконски трансакции меѓу правни субјекти во земјата и странство.
Во гостување во вестите на МРТ, премиерот оцени дека информациите што јавноста ќе ги дознае во наредните денови ќе бидат, како што рече, „катастрофални“, и нагласи дека креаторите на ваквите политики од минатото мора да понесат одговорност.
Тој посочи дека станува збор за акција која трае подолг период, но дека институциите досега не биле во можност јавно и транспарентно да ги објавуваат сите податоци. Мицкоски истакна дека граѓаните ќе бидат сведоци на сериозни и вознемирувачки сознанија за начинот на кој функционирале одредени политики во минатото, поради кои, како што рече, многу млади луѓе станале жртви.


