February 3, 2026

Муцунски на Светскиот самит за влади во Дубаи: Диверзификацијата е клуч за економската отпорност

Во свет во кој непредвидливоста станува новата реалност, диверзификацијата претставува клучна алатка за обезбедување економска отпорност, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, на Светскиот самит за влади во Дубаи.

Муцунски говореше на панел-дискусијата со наслов „Следниот логистички поредок: Што мора да се промени“, одржана во рамките на самитот, каде што нагласи дека единствена константа во денешниот глобален политички пејзаж е непредвидливоста.

„Тоа е реалност со која мора да се соочиме и да научиме да живееме, но не преку реактивни политики, туку преку градење долгорочна способност за адаптација“, истакна Муцунски.

Тој посочи дека диверзификацијата значи да не се зависи од една индустрија, една трговска маршрута, еден пазар или еден економски центар, нагласувајќи ја потребата од проширување на партнерствата, вклучително и со пазари што не се сметаат за традиционални.

Министерот повика на поинтензивен дијалог меѓу владите и побрзо донесување одлуки во услови на глобални предизвици, додавајќи дека брзата и ефикасна адаптација треба да се претвори во конкурентска предност.

Осврнувајќи се на деловното опкружување во Европа, Муцунски оцени дека континентот се соочува со „хиперинфлација“ на регулативи, што го отежнува водењето бизнис. „Компаниите имаат потреба од поедноставени процедури, ефикасност и брзина“, рече тој, посочувајќи ги Обединетите Арапски Емирати како пример за флексибилно и пробизнис законодавство, како и за користење современи технологии, вклучително и вештачка интелигенција во административните процеси.

Во контекст на логистичката позиција на земјата, Муцунски нагласи дека Северна Македонија е единствена држава во регионот каде што се вкрстуваат коридорите 8 и 10 што, како што рече, претставува значајна стратегиска предност.

Тој истакна дека Владата активно инвестира во енергетската безбедност и поврзаноста, потсетувајќи дека е во тек изградбата на гасен интерконектор со Грција, кој ќе овозможи пристап до течен природен гас преку терминалот во Александруполис, како и подготовките за инвестиција во интерконектор со Србија, со цел земјата да стане и транзитна машррута.

„Диверзификацијата и јасното разбирање на сопствената позиција во регионот и пошироко се клучни за долгорочниот развој. Уверени сме дека овие инвестиции ќе бидат од суштинско значење за иднината на нашата држава“, порача Муцунски.

Read Previous

Автобус изгоре на автопат кај Солун – патниците навреме евакуирани