Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, во врска со одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за суспендирање на имигрантските визи за државјани на 75 земји, меѓу кои и Северна Македонија, изјави дека тоа не влијае врз другите постапки за издавање американски визи.
Муцунски одговараше на новинарски прашања по еден настан во Скопје.
„Не прекин, не црна листа, туку пауза за постапките за иселенички визи. Ова не влијае врз сите други постапки за издавање визи за САД“, изјави тој, додавајќи дека сите други категории ќе можат да аплицираат за виза.
Тој посочи дека се во комуникација со Амбасадата на САД во Скопје и дека македонската амбасада во Вашингтон комуницира со американскиот Стејт департмент.
Прашан за позиционирањето на државата во однос на Гренланд и дали ќе им биде дадена поддршка на САД како стратегиски партнер, Муцунски рече дека верува оти ќе се најде решение во согласност со меѓународното право.
Вчера САД соопштија дека го суспендирале процесирањето на имигрантските визи за државјани на 75 земји, меѓу кои и пет држави од Балканот, односно Северна Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

