Град Скопје и скопските општини денеска потпишаа Меморандум за соработка, со кој официјално се откочуваат сите процеси поврзани со подготовката и реализацијата на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека со потпишувањето на меморандумот се воспоставува јасна и цврста рамка за координирана, одговорна и партнерска соработка меѓу сите нивоа на локалната самоуправа, што е клучно за успешна реализација на овој значаен европски проект.
Во периодот што следи, како што посочи Ѓорѓиевски, сите институционални капацитети, ресурси и човечки потенцијали ќе бидат обединети и ставени во служба на достоинствено, непречено и успешно спроведување на програмата „Скопје 2028“, во духот на европските вредности, културната разноликост и активното учество на граѓаните.
„Потпишувањето на меморандумот испраќа силна порака за заедништво, институционална зрелост и јасна подготвеност Скопје со визија и одговорност да ја понесе оваа значајна европска улога“, истакна градоначалникот на Скопје.
Тој додаде дека денешниот чин е повод за гордост не само за институциите, туку и за културниот сектор и за граѓаните, бидејќи покажува дека кога постои заедничка цел и јасна визија, Скопје може да се развива како силен, отворен и достоинствен европски културен центар.
Со ова, проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ влегува во нова, стабилна и динамична фаза на реализација, во која културата, уметноста и граѓаните се во фокусот на идниот развој на главниот град.
TV21

