December 19, 2025

Албанија: Наставниците на протест за „деполитизација на образованието“

Десетици наставници од различни градови во Албанија протестираа пред зградата на пленарната сала на Собранието на Албанија со мотото „деполитизација на образованието“ и со други барања, а дел од протестот беа и пратеници од опозицијата и активисти.

Протестот е свикан од Обединетиот синдикат на албанското образование, со цел, според нив, да се побара „деполитизација на образованието“, новогодишен бонус и 13. плата, како и други барања.

Според организаторите, наставниците бараат и „враќање на легитимитетот на дипломите“.

„Деполитизирајте ги училиштата – почитувајте ги наставниците“, „Наставникот не е сенка, тој е столб“, „Законот за високо образование мора да служи за правда“, „Тринаесетта плата не е подарок, туку право“, „Стоп за дискриминација на дипломите пред Болоњскиот систем“, „Без достоинството на наставникот нема достоинство на нацијата“, беа дел од пораките на транспарентите на протестот.

Наставниците од претуниверзитетскиот систем побараа од надлежните еднакви плати и избегнување на диференцијации меѓу наставниците во однос на платите.

Ина Жупа, пратеничка од најголемата опозициска партија, Демократска партија, во своето обраќање на протестот изјави дека наставниците имаат право да добијат 13. плата. Таа, меѓу другото, нагласи дека ќе продолжи со својот ангажман за обезбедување подобри услови за работа на наставниците.

Ериса Џиџо, пратеничка од опозициската Партија на слободата, во обраќањето на протестот изјави дека ќе се ангажира да се одржи јавна расправа во Комисијата за образование, наука и спорт при Собранието на Албанија за прашањата што ги поставуваат наставниците.

Организаторите на денешниот протест најавија продолжување на протестите на наставниците.

Read Previous

Претседателката Давкова, го прими претседателот на ТИКА, Абдуллах Ерен

Read Next

Надминат прагот на штетни честички во воздухот во Скопје, надлежните активираа мерки