Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека го решил проблемот со нефункционирањето на ЈП Комунална Хигиена, а за Јавното сообраќајно претпријатие рече дека состојбата е нормализирана и дека нема долги чекања на автобусите. За дивите депонии во главниот град тој изјави дека се работи интензивно, додавајќи дека ќе има казни за сите кои се обидуваат да создаваат хаос со отпадот и не го почитуваат определениот термин за исфрлање, и забраната од 22:00 до 06:00 часот. Но, најнапред, според градоначалникот, инспекторите добиле насока најпрво да издаваат опомени.
„Претпријатието што со месеци немаше земено плата – Паркови и Зеленило, Комунална Хигиена и останатите – веќе се консолидирани, а исплатени се и здравствените и пензиските придонеси за вработените. Особено сум задоволен за Паркови и Зеленило; поради буџетските ограничувања до нова година нема да можеме одеднаш да исплатиме две плати, но во јануари ќе донесеме целосно решение и таму.“, вели Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски додаде дека следната недела ќе се потпише тендерската постапка за „Луна Парк“, кој граѓаните го очекуваат со години.
„Го започнавме процесот и за тендерските постапки за многу проекти што беа ветени во мојата предизборна програма, а кои ќе значат решенија за сообраќајниот хаос и побезбеден град — како проектот ‘Лимак’, кружниот тек во Ѓорче Петров. Наскоро ќе почнеме и со решавањето на првата зона од високите делови, исто така во Ѓорче Петров — зона што ќе ја уредиме и ќе добие водовод и канализација преку веќе започнатата постапка.“, вели Орце Ѓорѓиевски.
Во врска со новогодишното украсување на главниот град, Ѓорѓиевски посочи дека годинава започнале подоцна поради изборите, а тендерската постапка ќе трае уште неколку дена, по што ќе биде избран изведувачот. Ова беше кажано по седницата на Координативното тело на градоначалниците на општините во Град Скопје, каде беше ветено дека ваквите средби ќе станат пракса за соработка со цел решавање на проблемите низ општините.
TV21


