January 10, 2026

Муцунски учествуваше на работна средба со шефовите на дипломатија на Централноевропската иницијатива

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, вечерва во Белград, главниот град на Србија, учествуваше на работна средба со министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).

На средбата министрите се фокусирале на проширувањето на Европската унија, актуелните геополитички околности и предизвиците што произлегуваат од нив, како и на регионалната безбедност и неопходноста од засилено регионално поврзување и соработка.

Министрите уште еднаш ја потврдиле важноста на ЦЕИ како стабилна платформа за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес, унапредување на партнерствата и ефективно справување со регионалните предизвици.

Министерот Муцунски во своето обраќање ја нагласи улогата на регионалното поврзување и регионалните иницијативи како клучни алатки за забрзување на европската интеграција – најзначајниот процес за поддршка на мирот, безбедноста и економскиот развој на континентот. 

Тој ја потврди целосната посветеност на Република Северна Македонија на европскиот пат, нагласувајќи дека тоа е геостратешка неопходност за стабилен, сигурен и просперитетен регион.

Read Previous

Андоновски: Околу 40.000 студенти го добија својот ваучер од 15.300 денари уште во првата недела од повикот

Read Next

Алиу на 11. турски медицински конгрес: Дигитализацијата не е избор, тоа е вратата низ која секој здравствен систем мора да помине